Месењето просфори е дел од Светото Предание на Православната Црква кое се пренесува личносно. Затоа правилното месење просфори најдобро се учи од некој којшто веќе тоа го прави или пак во манастир.
Просфората се прави со молитва. За време на правењето на просфората молете се со Исусовата молитва: Господи Исусе Христе помилуј нѐ, бидејќи на светата Литургија просфората ќе стане Телото на нашиот Господ Исус Христос.
Свештеникот на светата Литургија вади од просфората едно квадратно парче на кое пишува ИС ХС НИ КА (ΙΣ ΧΣ ΝΙ ΚΑ – Исус Христос победува) коешто Го символизира Христа и се нарекува „Агнец“ (Јагне). Потоа свештеникот ја вади честичката на Богородица, во чест и спомен на Богомајката на кое пишува ΜΘ (Μήτηρ Θεού – Мајка Божја) и се наоѓа точно лево од печатот. Ја поставува десно од телото Христово врз дискосот, од почит. Потоа ја вади честичката на небесните сили, ангелите и архангелите, која се наоѓа лево од агнецот и има девет мали триаголници, деветте чинови на ангелите. Потоа и другите честички во чест на Претечата, пророците, апостолите, на светите маченици и исповедници, на светителот што се празнува во тој ден и на светиот Златоуст или Василиј Велики, според тоа чија литургија се служи. Сите овие честички се поставуваат лево од агнецот. Останатиот дел од просфората е символ на „девственото тело“ на Пресвета Богородица, и откако ќе биде благословено од свештеникот се употребува како нафора.
На крајот свештенослужителот вади честичка за архиерејот или игуменот (игуменијата) на монашката обител, доколку литургијата се служи во манастир, и честичка за оние кои ги принеле тие дарови, за христољубивиот народ, за парохјаните, за ктиторите, и на крајот за нашите упокоени ближни. Овие честички ги положува пред Телото Христово, бидејќи се принесуваат за нас смирените, кои се надеваме во милоста и човекољубието Божјо.
Просфората е округла, зашто ја претставува беспочетноста и бескрајноста на Бога.
Просфората е сочинета од три состојки: брашно со квасец што ја претставува душата, вода што го претставува крштението и сол што го претставува учењето на Господ кон Неговите ученици: „Вие сте солта на земјата“.