Ателје при манастирот Матка
Со возобновувањето на монашкиот живот во манастирот Матка, една од идеите беше да се оформи работилница за изработка на свештени одејанија (од владички, свештенички и ѓаконски одежди, до комплетно облекување на една црква) за потребите на Македонската Православна Црква и пошироко; идеја која постепено се реализираше до сегашното постоечко ателје. Ателјето е една мала работилница со капацитет од петмина; концептот на работа е правење на богоугодни, уникатни и издржани одејанија. Секое ново одејание е еден мал проект, од дизајнирање, везење, кроење и шиење, до финален производ. За еден комплет одежди некогаш се потребни дури два до три месеци работа. Инспирацијата ја црпиме и се ползуваме од богатата ризница на фрескоживопис и од црковната орнаментика, како и од автентичните шари од носиите на народното творештво што со векови наназад ја твореле и ни ја оставиле во наследство нашите претци вдахновени од Светиот Дух.