Преданието говори дека некаде околу четвртиот век по Христа, на еден монах во пустина ангел Господов му ја открил вештината на плетењето бројаници, откако тој усрдно се молел.
Имено демоните му правеле искушенија расплетувајќи му ги јазлите што дотогаш самиот едноставно ги правел заради што не можел да го извршува целосно своето молитвено правило. Тогаш ангелот го научил да прави сложени топчиња на бројаницата, така што секое топче е составено од седум крстовидни внатрешни мали јазли, кои демонот не можел повеќе да ги разврзе.
Бројаницата во православната символика се смета за духовен меч, Божјо слово за непрестајна Исусова молитва која се состои од следните зборови: Господи Исусе Христе помилуј ме грешниот (грешната)! На секое топче од бројаницата оваа молитва се изговара посебно. Целта на молитвата е да го соедини човекот со Бога и да го исполни човековото срце со светлината на божествената благодат.
Плетењето на бројаници е едно од секојдневните ракоделија на монасите. За време на служба или во келија со постојано кажување на Исусовата молитва, монахот ја плете бројаницата која се состои од повеќе јазли.
Најчесто се изработуваат од црна волна, или свиленкаст конец (суитаж). Црната боја го симболизира покајанието. Но, денес бројаниците можат да се сретнат во најразлични бои. Најмалите бројаници имаат 12 јазли, потоа се со 33 јазли, па бројаници со 50 и 100 јазли. Монасите понекогаш користат бројаници со 300, 500 или 1000 јазли.