Проект Ракотворни Корени. Изработка на свеќи од восок.
Предавачи се Александра Аговска и сестрите при манастирот
Светиот епископ Николај Охридски, вели дека палиме свеќи бидејќи нашата вера е светлина. Светлината на свеќите нѐ потсетува на светлината со која Христос ги осветлува нашите души. Свеќите ни се потсетник за блескавиот лик на Светиите пред чија што икона ги палиме, оти Светиите се синови на Светлината (Јован 12,36; Лука 16,8). Потсетувајќи се на заповедта дадена од Христос Спасителот: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела“ (Мат. 5, 16), тие ни се прекор за нашите мрачни дела, за нашите лоши помисли и желби, и поттик да се вратиме на патот на евангелската светлина.
Палејќи свеќа пред лицето Божјо, Кој целосно се предаде на жртва за нас, ја изразуваме нашата скромна благодарност и светлозарна љубов за Него, Кому Му повикуваме во молитвите, просејќи здравје и спасение, и сѐ што Неговата неизмерна љубов обилно излева на нас. Запалената свеќа влева страв во злобните сили кои нѐ напаѓаат дури и кога сме на молитва. Силите на злото го љубат мракот и треперат пред секоја светлина, особено онаа запалената заради Бога. Како што свеќите горат кога ќе ги запалиме, покорни на нашата волја, така да горат и нашите души со огнена љубов во сите наши страдања, секогаш покорни на волјата Божја.
Запалената свеќа нѐ подучува дека како што таа не може да се запали без нашата рака, така и нашето внатрешно кандило не може да се запали без светиот оган на Божјата благодат. Искрата што го пали доаѓа од Бога.
И како што светлината му претходеше на сѐ создадено во светот: Господ рече: нека биде светлина! И би светлина, – така светлината да биде почеток и на нашиот духовен живот, пред сѐ друго, нека заблеска во нас светлината на Христовата вистина. Од неа ќе произлезе секое добро.
Свеќите кои со векови гореле во храмовите биле од восок , направен од пчела, која собира полен од најразлични цветови за да го произведе. Затоа нè потсетува и на работливоста на пчелите, но и на тоа дека го собира само доброто.
На часовите, ќе се користи пчелин восок, и ќе се објаснат покрај значењето на свеќите и сите техники кои традиционално постојат: техниката на натопување(фитилот повеќекратно се натопува во растопен восок додека се добие саканата дебелина на свеќата), формирање на свеќи со помош на калапи (се истура растопениот восок во нив) и техниката на валање на восокот (восочните листови (изработени со пресување) овозможуваат правење свеќи со валање на листот околу фитилот).