Драги браќа и сестри во Христа,
Со особена радост сакаме да Ви ја претставиме и споделиме со вас книгата “ Не бој се малечко стадо” – Да се живее подвижнички во современиот свет од Архимандрит Ефрем Виноградов- Лакербаја, познат под псевдонимот ИГУМЕН Н.
Во ова време на динамичен и брз живот во кој технологијата и материјализмот доминираат, во кој современиот животен стил непрекинато не’ вовлекува во брзото темпо на секојдневието, човекот се почесто се соочува со чувството на празнина и изгубеност, со што потрагата за духовност и вистинска смисла на живот е сè понагласена и посилна. Сретнувајќи се со големи предизвици и несигурности во животот, луѓето често се соочуваат со потребата за внатрешен мир и стабилност. Во такви услови потребена им е „водилка, патоказ” кој ќе им помогне да пронајдат надеж и правец во светот кој што е толку непредвидлив, комплексен и тежок.
Може да кажеме дека оваа книга е еден од тие патокази, смерница кон Вистината, кон Христос!
Станува збор за збирка од беседи на духовен отец кон своите духовни чеда и за секоја богољубива и боготрагателска душа, како за монаси така и за мирјани кои тежнеат да водат подлабок духовен живот, за сите оние кои се стремат да си го очистат срцето од страстите. Дава одговори на тешките прашања што си ги поставуваат луѓето кои сакаат да одат по тесниот пат на спасението и да ги победат искушенијата што ги нуди светот и современиот начин на живот.
Како да се однесуваме и справиме со едно искушение, како да ги препознаеме замките на демонот кој ги лови човечките души, како да се заштитиме и да ги препознаеме лажните благодатни доживувања, како да изградиме правилен систем на вредности, како да ја сочуваме благодатта во себе…овие и многу други прашања се разработени во оваа книга,
Архимандритот Ефрем Виноградов- Лакербаја е свештеномонах во Спасо- Преображенскиот Валаамски манастир, од 2017 год. е схимонах со името Гавриил, духовен отец на многу монаси и мирјани кои се подвизуваат во Руската Православна Црква. Има напишано повеќе дела како “На горите на Кавказ”, “Скриениот Атос” и др.
С.Перпетуа (игуманија на Манастирот Успение на Пресвета Богородица -Матка)